Книгата со раскази Другаруваме со Лили и Вили од младата авторка Матеа Стоев опфаќа различни теми со едукативен карактер од секојдневието на децата со секојдневни урбани и природни мотиви.
По пат на читање или слушање на расказите директно или индиректо децата усвојуваат нови знаења, ги препознаваат чувствата и емоциите. Тие преку играта како симболика учат за емпатија, стекнуваат искуства за семејството и за семејните вредности, за вистинското другарство и развиваат социоемоционална интелигенција. Расказите поттикнуваат создавање желба кај децата да помагаат, ги запознаваат со значењето на дарувањето и благодарноста. Преку нив се негува љубовта кон домашните миленичиња и грижата за нив, се стекнуваат здрави навики, насочувајќи ги кон здрава храна од градината.
Пред нас е книга што се чита и се препрочитува, таа влијае на децата за создавање и стекнување знаења за бонтонот ‒ убавото однесување преку односите помеѓу децата и возрасните, за поддршката што се дава на другарчето во истрајноста кон подвизите и победите, за грижата кон здравјето на забите. Од расказите и прекрасните колоритни илустрации во оваа книга на сликовит начин привлечно и експресивно извираат позитивни примери и создаваат од најмалата публика емпатични, дружељубиви и сестрани деца. Поуката што извира ненаметливо како круна од секој текст претставува интеракција на мислите и ставовите. Расказите се доволно моќни сами по себе со минималистички израз на зборови да испратат значајна порака до секое дете и да го отворат прозорецот кон здраво растење и развој.
Вашето име:
Вашиот коментар:
Забелешка: HTML-от не е преведен!
Оценка: Лош Добар